I
ВОВЕД

Една од двете позначајни измени во Законот за трговските друштва во последниве две години, покрај предвидување на нов тип на друштво (ПДОО), е проширување на можноста за трансформирање на даден заем во влог во друштвото, односно конвертибилен заем (во понатамошниот текст конвертибилен заем). Измените на законот за трговски друштва со кои се предвидува ваквата можност, се објавени во Службен весник на РСМ бр. 99/2022 од 21.04.2022 година.

Имено, ваква законска можност постоеше и пред овие измени, но беше со многу потесен обем на примена. Во ЗТД пред измените, заем што се трансформира во влог, можеше да се искористи како можност само доколку заемот беше даден на друштвото од страна на единствениот содружник или единствениот акционер. Тоа значи дека заем што се трансформира во влог како можност можеше да се искористи само во правна форма ДООЕЛ, само од единствениот содружник и во правна форма АД и тоа само од единствениот акционер.

Со овие измени на ЗТД се прошири обемот на примена, па така покрај погоре наведените можности сега може било кое трето лице или пак содружник во ДОО да стекне влог во друштвото (ДОО/ДООЕЛ), со трансформирање на заемот кој што го дал на друштвото.

Со оваа измена, се воведе можност:
- Било кој содружник во ДОО да стекне влог врз основа на даден заем;
- Било кое трето лице, (кое не е содружник) да стекне влог во ДОО или ДООЕЛ врз основа на даден заем.

Секако, треба да се напомене дека стекнувањето на влог во едно друштво врз основа на даден заем е регулирано во строго утврдена правна рамка, односно тоа може да се реализира само во постапка на зголемување на основната главнина на друштвото. Покрај стандардните активности и правни дејствија кои што треба да се преземат за спроведување на постапка на зголемување на основна главнина, потребно е да се склучи и договор за заем кој се трансформира во влог, а кој договор треба да содржи одредени елементи наведени во законот.

Целта на ваквите измените во ЗТД според законодавецот е да се олесни пристапот до финансии на друштвата, како и да се создаде поедноставена можност за работа и привлекување на инвеститори.

Досегашното законско решение, не можеше да најде примена од страна на инвеститорите и не беше „наклонето“ кон нивните интереси. Имено, доколку инвеститорите сакаа да инвестираат во одредена компанија или пак во start-up, инвестицијата можеа да ја реализираат или во форма на влог (основен капитал), или пак во форма на заем.

Доколку се одлучеа(ат) инвестицијата да ја реализираат со внесување на влог и со стекнување на својство на содружник, се соочуваа(ат) со ризик од настапување на законска пречка согласно член 29 од ЗТД, односно да не може да основаат друго трговско друштво, доколку друштвото во кое што се содружници(друштвото во кое внеле влог) има блокирана трансакциска сметка.

Доколку пак се одлучеа(ат) да извршат инвестиција со давање на заем, се соочуваа(ат) со можноста друштвото да не им го врати заемот или да не биде во можност да им го врати поради неликвидност и сл., или пак друштвото да им го врати заемот, па со тоа се соочуваат со пропуштање на дополнителна добивка од инвестицијата, доколку друштвото остварува позитивни резултати.

И во двата случаи, инвеститорите се соочуваа со сериозен предизвик да донесат соодветна одлука за инвестирање. Најпрво, не можеа лесно да донесат одлука за инвестирање, а потоа, откако ќе се одлучеа, не можеа лесно да го изберат видот на реализација на инвестицијата. Тоа, од причина што во една start-up компанија, особено непосредно по основањето, многу е тешко да се определи нејзината вредност и потенцијал како би можеле инвеститорите да одлучат за видот на реализација на инвестицијата, ниту пак може точно да се определи вредноста на уделот кој би се стекнал со инвестицијата, ако е одлучено да се реализира со вложување на основен влог.

Конвертибилниот заем е „алатка за инвестирање“ чија примена е широко распространета, со која инвеститорите одлучуваат својата инвестиција да ја дадат најпрво како заем, а подоцна истата може да ја трансформираат во влог во друштвото или да ја бараат да им се исплати назад.

Со овие законски измени, се создава можност за дополнителен пристап до финансии за start-up компаниите, како и значително се олеснува донесувањето на одлука за инвестирање во start-up или во веќе развиени компании.


II ГЛАВЕН ДЕЛ

Како што беше наведено погоре, заем што се трансформира во влог се реализира исклучиво во постапката на зголемување на основна главнина на друштвата, без оглед дали е даден од страна на содружник во ДООЕЛ, содружник во ДОО или од трето лице – инвеститор.

Законската дефиниција, инкорпорирана во член 3 став 1 точка 4-а) гласи „Заем што се трансформира во влог во друштвото во постапка на зголемување на основна главнина на друштвото е заем даден од содружник или трето лице во друштво со ограничена одговорност, односно даден од страна на единствениот акционер на друштвото кое е во целосна негова сопственост.“

Впрочем и од самата законска дефиниција произлегува дека трансформацијата на заем во влог е само еден од начините преку кои може да се зголеми основната главнина.

Зголемување на основната главнина се врши со одлука
на собирот на содружниците што има карактер на одлука со којашто се врши измена на договорот за друштвото, а зголемување на основната главнина може да се врши со преземање нови влогови или со внесување на резервите и на добивката на друштвото во основната главнина.

Конвертибилниот заем е еден од начините на зголемување на основната главнина со преземање на нови влогови, бидејќи во суштина, реализација на конвертибилниот заем ќе резултира со зголемување на основната главнина со уплата на нови влогови. Тоа значи дека содружникот или инвеститорот со реализирање на конвертибилниот заем, ќе преземат нов влог во друштвото во висина на дадениот заем.


II – 1 Основни белези и начин на спроведување на постапката за зголемување на основната главнина преку заем што се трансформира во влог во друштвото

Најпрво, за да може да се реализира конвертибилниот заем, односно да се стекне влог врз основа на дадениот заем, потребно е заемодавачот (содружник или трето лице-инвеститор) и друштвото, да склучат договор за заем што се трансформира во влог со друштвото. Притоа, договорот задолжително треба да биде потпишан и од содружниците во друштвото како согласни страни и договорот да биде заверен на нотар.

Со договорот задолжително се опреде
- вкупниот износ на заемот,
- условите според кои ќе се отплатува заемот,
- условите за трансформирање на заемот во влог во друштвото,
- периодот во кој заемот може да биде трансформиран во влог во друштвото и
- процентот на удел кој се стекнува со трансформирањето на заемот или начинот на пресметка на уделот доколку процентот на удел не може да се предвиди на денот на склучување на договорот.

Притоа, треба да се напомене дека заемот може да се даде исклучиво во пари, и тоа не е задолжително да биде во денари, туку може и во било која валута. Потоа, влогот кој би го стекнал заемодавачот, ќе биде упишан во онаа валута во која што е уплатен заемот.

Со измените е предвидено дека заемот што се трансформира во влог може да биде реализиран, односно трансформиран во влог, најдоцна до истекот на третата година од потпишувањето на договорот за заем.

Откако ќе се склучи договорот и ќе се уплати заемот и откако ќе се создадат, односно исполнат предвидените услови во договорот за заем, друштвото треба да преземе дејствија во насока на реализација на конвертибилниот заем. Тие дејствија се во насока на спроведување на постапката на зголемување на основната главнина.

Имено, со цел реализација на конвертибилниот заем, друштвото треба да донесе одлука за зголемување на основната главнина со преземање на нови влогови.

Одлуката за зголемување на основната главнина има законски попишани елементи кои што мора да ги содржи, а истата се донесува со најмалку ¾ мнозинство од вкупниот број гласови што ги имаат содружниците во друштвото се определуваат:

Во одлуката мора да е предвидено најмалку:
- начинот на кој лицата кои ќе преземат влог ќе учествуваат во распределбата на добивката и од кога во деловната година во којашто
- износот на заемот,
- дополнителните обврски и другите услови под коишто се врши зголемувањето на основната главнина.

Во конкретниот случај, за реализација на конвертибилниот заем, покрај задолжителните елементи, потребно е во одлуката за зголемување на основната главнина да се наведе и потенцира дека основната главнина ќе се зголеми со преземање на нови влогови, односно со заем што се трансформира во влог и дека постојните содружници се откажуваат од правото на првенство на преземање на нови влогови и дека нема да им се нуди да преземат нови влогови во тој износ. Ова од причина што содружниците имаат право на првенство при преземање на нови влогови сразмерно на дотогаш преземените влогови, освен ако во Одлуката не е предвидена ваква одредба.

Откако ќе се донесе одлуката за зголемување на основната главнина, потребно е да се донесе и одлука за трансформација на заем што се трансформира во влог на друштвото во постапката на зголемување на основнатa главнина на друштвото, со која одлука практично се реализираат одредбите од договорот и тоа претставува изразување на волјата за конверзија на заемот во влог. Потоа, заемодавачот е потребно да даде изјава со која што се согласува да го преземе влогот во висина од дадениот заем и дека се согласува да стане содружник (доколку е трето лице-инвеститор) и дека ги прифаќа правата и обврските кои што произлегуваат од актот за основање на друштвото.

Постапката се спроведува пред ЦРРСМ и покрај овие основни документи, потребно е да се донесат и приложат и останатите потребни документи во постапката на зголемување на основната главнина.

II – 2 Дилеми кои може да произлезат во пракса

1. Дали може да се склучи договор за заем и да се изврши исплата, а потоа со анекс или нов договор да се склучи договор за заем кој се трансформира во влог кој ги исполнува условите кои ги бара законот за да може да се спроведе постапката?

2. Дали во договорот за заем може заемодавачот (инвеститор или содружник) и друштвото, без никакви ограничувања да ги договорат начинот, условите, правата и обврските (поголем удел, конверзија само на барање на заемодавачот, давање насоки, упатства, давање одобрение за преземање деловни актовности од заемодавачот и сл.)

3. Дали со склучување на договор за заем кој се трансформира во влог, индиректно се создава тајно друштво, односно се уредуваат/настануваат/наметнуваат тајни содружнички односи?

4. Дали склучувањето на договорот за заем кој се трансформира во влог игра улога при определување и упис на вистински сопственик во регистарот на вистински сопственици при ЦРРСМ?

5. Што во случај на отворање стечајна постапка откако се исполнети условите за конверзија, но не е спроведена постапката за конверзија на заем во влог?