Вистински сопственик, како физичко лице кое е краен сопственик на едно правно лице или го контролира тоа правно лице, воопшто не е новина ниту во нашиот, ниту во европскиот правен систем. Имено, поимот „вистински сопственик„ за првпат е дефиниран во Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од 2014 година (Службен весник бр. 130/14) и оваа дефиниција е суштински непроменета сѐ до денес, иако во меѓувреме се донесоа два нови закони за спречување перење пари. Во оваа насока, добропознатиот критериум за учество од најмалку 25 % од вкупните акции или удели, односно правата на глас на правното лице, е воспоставен уште во 2014 година. Со законот од 2014 година всушност се изврши усогласување на нашето законодавство со Директивата 2005/60 на ЕУ, која е попозната како третата директива за спречување на перење пари ( 3AMLD ). Сепак, официјална датотека на вистински сопственици во форма на регистар не беше предвидена во овој закон, а ниту во директивата.
Ваква можност се предвиде дури во Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година (Службен весник бр. 120/18), а повторно ова беше сторено со цел усогласување со европското законодавство, имено со Директивата 2015/849 на ЕУ ( 4AMLD ). Законот од 2018 година предвидуваше дека во регистарот се запишуваат податоци за правниот субјект, податоци за вистинскиот сопственик и податоци за сопственоста на вистинскиот сопственик. Потаму, овој закон наведуваше дека податоците кои се запишуваат во регистарот директно и врз основа на електронски пристап им се достапни на Управата за финансиско разузнавање, надлежните државни органи на прогонот, судовите, органите кои вршат надзор (НБРМ, КХВ, АКРМ, итн.) и обврзаните субјекти (ревизори, сметководители, нотари, адвокати, приредувачи на игри на среќа, итн.) Дополнително, законот од 2018 година предвидуваше дека одредени основни податоци за вистинскиот сопственик, како што се име, месец и година на раѓање, државјанство, итн., се јавно достапни во форма на информација и се користат со надомест согласно со тарифата на администраторот на регистарот. Со ваквата одредба, нашиот закон од 2018 година предвидуваше поголема транспарентност од тоа што бара директивата , бидејќи директивата го поставуваше како услов докажувањето на легитимен интерес за едно физичко лице да може да пристапи до овие информации. Беше оставено на државните органи да одредат што претставува легитимен интерес, меѓутоа тој интерес мора да биде поврзан со перење пари, финансирање тероризам, корупција, даночни кривични дела и измами. Нашиот закон од 2018 година не постави ваков услов, односно предвиде регистар во кој одредени основни информации се јавно достапни на сите правни и физички лица, без докажување на каков било интерес.
Регистарот на вистински сопственици се воспостави на почетокот на 2021 година, и тоа во рамките на Централниот регистар. Од денот на пуштање во употреба на регистарот, започна да тече рокот од 90 дена за пријавување на податоците за вистинските сопственици во Регистарот, што беше обврска на сите трговски друштва. Повеќе за ова, можете да прочитате во нашата друга статија, објавена овде .
Понатаму, во 2022 година, се донесе нов Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (Службен весник бр. 151/22), кој е моментално важечки во нашата држава. Во овој закон, се наведува дека другите правни и физички лица (јавноста) имаат пристап директно и по електронски пат до регистарот, исто како и Управата, судовите и обврзаните субјекти. Сепак, јавноста има пристап само до основни податоци за вистинскиот сопственик, како што се името, месецот и годината на раѓање, државјанството, итн. Овој закон, повторно како и претходните закони, беше донесен со цел усогласување со европската регулатива, имено Директивата 2018/843 на ЕУ (5AMLD) . Следствено на ова, моменталниот наш закон ја имплементира Директивата 2018/843 на ЕУ (5AMLD).
Она што е помалку познато е дека отворањето на регистарот на вистински сопственици за целата јавност беше предмет на големи дебати во ЕУ, кои се одразија и на преговорите за утврдување на текстот на Директивата 2018/843. Имено, Европскиот парламент и Европската комисија постојано се залагаа за поголема транспарентност, додека Советот на ЕУ изразуваше резервираност во однос на нивото на информации достапноста на јавноста. Во оваа насока, првичниот предлог за воспоставување на јавен регистар на вистински сопственици беше истиот да се заснова на Директивата за трговски друштва (Company Law Directive 2009/101), а со цел обезбедување на најголемо ниво на транспарентност, односно користење на регистарот за вистински сопственици за секакви деловни и други потреби . На овој начин, секој може да ги користи податоците од регистарот на вистински сопственици со цел да биде информиран со кого започнува соработка, кој стои во позадина на друштвото, каде оди добивката на друштвото и други цели кои не мораа да бидат директно поврзани со спречување перење пари и финансирање на тероризам .
На крајот на краиштата, регистарот на вистински сопственици не е ништо повеќе од збир на податоци од трговските регистри кои се доволно обработени со цел да се дојде до крајното физичко лице. Регистарот на вистински сопственици, најчесно не дава нова информација, туку само го олеснува пристапот до веќе постоечки информации за крајниот сопственик. До вистинскиот сопственик најчесно може да се стигне и без постоење на ваков регистар, и тоа преку пребарување во трговските регистри. Сепак, различни држави имаат различни правила за тоа кои информаци се чуваат во трговските регистри, па поради ова најчесно е потребна поголема истражувачка работа, а понекогаш е и невозможно да се стигне до крајниот сопственик поради тајноста на податоците во одредени држави (пример, Панама и други даночни раеви). Согласно ова, постои тесна поврзаност помеѓу регулативата за трговските друштва и спречувањето перење пари. Текстот на првичниот предлог на директивата можете да го прочитате овде .
Сепак, на инсистрање на Советот на ЕУ, во крајниот текст на директивата, јавниот регистар на вистински сопственици не се заснова на Директивата за трговски друштва , туку единствено на Директивата за спречување перење пари 2018/843 на ЕУ (5AMLD). Сите измени на Директивата за трговски друштва поврзани со регистарот на вистински сопственици се избришани од конечниот текст на 5AMLD.
Ваквиот исход на интер-институционалните преговори околу Директивата 2018/843 на ЕУ, имаше големо влијание и на пресудата на Европскиот суд на правдата во преметот “WM and Sovim SA” (Joined Cases C‑37/20 and C‑601/20). Со оваа пресуда, беше поништена одредбата од 5AMLD со која регистарот на вистински сопственици е отворен за јавноста . Главното образложение на Судот за ваквата одлука е дека спречувањето перење пари и финансирањето на тероризам е во основа работа на јавните власти и на субјектите како што се кредитните или финансиските институции кои, поради нивните активности, подлежат на конкретни обврски во оваа насока (параграф 83 од пресудата). Со оваа пресуда, се потврдува дека податоците од регистарот на вистински сопственици треба да се користат само за цели на спречување перење пари и финансирање на тероризам, и тоа во основа само од органите кои се надлежни за оваа работа. Дополнилтено, согласно регулативата за заштита на личните податоци, користењето на податоците од регистарот треба да биде сведено на минимум неопходното за остварување на целта ‑ спречување на перење пари, и да не се користат за други цели (параграф 65 од пресудата). Целосниот текст на пресудата е достапен на следниот линк .
Оваа пресуда доведе до тоа да пристапот до регистрите на вистински сопственици биде ограничен во најмалку 7 земји–членки на ЕУ, најчесно само на оние лица кои ќе докажат јавен интерес (истражувачки новинари, невладини организации, итн.)
Од друга страна, во истата пресуда, Европскиот суд на правдата директно споменува дека податоците кои се водат во трговските регистри согласно Директивата за трговски друштва (2003/58) и податоците од регистрите за вистински сопственици согласно Директивата за спречување перење пари (2018/843) се разликуваат во целите, односно намените за кои можат да се користат (параграф 87 од пресудата). Неспорно е дека податоците од трговските регистри можат да се користат за многубројни цели и поради тоа оправдано е што се достапни на целата јавност (предмет Manni, C‑398/15 пред Европскиот суд на правдата), додека податоците од регистрите на вистински сопственици се користат само за една цел , а тоа е спречување перење пари и финансирање на тероризам, и затоа треба да се достапни само на надлежните органи и на лицата кои ќе го докажат својот легитимен интерес во оваа насока.
Веројатно ситуацијата би била поинаква, доколку регистарот на вистински сопственици се засноваше на Директивата за трговски друштва, како што беше и иницијалниот предлот на Европската комисија. Меѓутоа, во ситуација кога овој регистар за базира само на Директивата за спречување перење пари, примената на податоците од овој регистар останува доста ограничена.
Во меѓувреме, во ЕУ се донесе Директивата 2024/1640 (6AMLD) која ги зема предвид заклучоците на Европскиот суд на правдата во преметот “WM and Sovim SA”. Во оваа насока, во член 12 од оваа Директива се уредува кој треба да има пристап до регистарот на вистински соптвеници, и кои податоци треба да ги содржи овој регистар. Имено, секое физичко или правно лице кое може да докаже легитимен интерес за спречување и сузбивање на перење пари , треба да има пристап до одредени основни податоци на вистинскиот сопственик, и тоа: името, месецот и годината на раѓање, земјата на живеење, националноста, како и природата и обемот на интересот. Од друга страна, оваа Директива во член 12 исто така воспоставува претпоставка за постоење на легитимен интерес за следните лица : новинари кои известуваат за спречување или борба против перење пари или финансирање тероризам; граѓански организации, вклучително и невладини организации и академска заедница, кои се поврзани со спречување или борба против перење пари или финансирање тероризам; физички или правни лица кои се блиску до склучување зделка со правно лице и кои сакаат да спречат каква било поврзаност помеѓу таквата зделка и перење пари или финансирање тероризам; обврзаните субјекти; јавните органи поврзани со перење пари или финансирање тероризам; и останати... Целиот текст на 6AMLD можете да го најдете тука .
Она што е очигледно е дека користењето на податоците од регистарот на вистински сопственици се ограничено исклучиво за потребите на спречување на перење пари или финансирање тероризам. Податоците од овој регистар не треба да се користат за други цели.
Во спротивност на сето ова, во нашата држава податоците од регистарот на вистински сопственици сѐ уште се достапни за целата јавност, а згора на сѐ, податоците се користат и за цели кои воопшто не се поврзани со спречување перење пари, и тоа како доказ во деловни, трговски, работни и кривични спорови. Ваквата пракса е целосно спротивна на духот на Законот за спречување перење пари и на директивата која тој ја имплементира. Поради ова, сметаме дека итно се неопходни промени во праксата на Централниот регистар кој го води регистарот на вистински сопственици, а тоа би можело да биде сторено, ако не со законски измени, тогаш со подзаконски акт на Министерството за финансии или на Управата за финансиско разузнавање. Сѐ додека ова не се случи, остануваме во ситуација да спроведуваме една застарена пракса која од страна на надлежен суд е утврдено дека ги повредува основните човекови права.